На Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ поважни им се микрофоните и копчето од проблемите на скопјани, реагира опозицијата во Град Скопје

Опозицијата во Советот на Град Скопје денеска јавно го осуди вчерашниот однос меѓу скопската градоначалничка Данела Арсовска и претседателот на Советот Трајко Славески, кои вчера на седница за советнички прашања меѓусебно се расправаа и се навредуваа, по седницата беше прекината.

Координаторката на советничката група на СДСМ во Советот, Љубица Јанчева, денеска на прес-конференција вчерашната седница на Советот на Градот ја окарактеризира како циркус, за кој, како виновни ги посочи ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска.

„Наместо поставување прашања и одговори, граѓаните вчера беа сведоци на кавги и лични навреди меѓу градоначалничката Данела Арсовска и претседателот на Советот, Трајко Славески. Очигледно е дека на ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска поважни им се микрофонот и копчето за исклучување на микрофонот од развојот на Скопје и интересите на скопјани“, вели Јанчева.

Локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје изминатава година, според Јанчева, направила хаос, неработење, партизација, кавги за тендери и расипничко трошење на парите на граѓаните.

„Додека ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска се расправаат за микрофони и тендер од 136 милиони евра, додава Јанчева, се случи Скопје првпат во историјата да остане без јавен превоз. Нема бесплатен јавен превоз, нема ниту еколошки автобуси. Наместо паркови никнуваат депонии. Стои реконструкцијата на Универзалната сала, стојат и мостовите, клучките и започнатите улици. Градскат власт на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска го уназадија Град Скопје, не реализираа ниту едно ветување“, вели Јанчева.