Бесими: Развоен Буџет за одговор на кризата и среднорочни проекции за економски раст

Економски раст од 2,9 проценти на домашната економија предвидува Предлог-буџетот за 2023 година што денеска беше усвоен од Владата. Растот на економската активност и понатаму ќе биде придвижен од домашната побарувачка. Стапката на инфлација, според очекувањата, постепено ќе се стабилизира и е проектирана на 7,1 процент за следната година.

Вкупните приходи во Предлог-буџетот се планирани на ниво од 282 милијарди денари и се повисоки за 14,8 проценти во однос на 2022 година, а расходите на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е на ниво од 4,6 проценти од планираниот БДП.

Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска на прес-конференција посочи дека целта на Предлог-буџетот кој е изготвен согласно новиот Закон за буџети, е да се одржи економскиот раст, да се извршат редовно сите обврски на државата и да се поддржат реформите и евроинтегративните процеси.

– Во услови на криза на глобално ниво, подготовката на буџетот останува предизвик за секоја држава. На глобално ниво економијата ќе има забавен раст, а истото се однесува и за растот на економијата на Европската унија која се очекува да биде 3,2 проценти оваа година, а следната 0,7 проценти. Тоа се одразува и на динамиката на раст на нашата економија, рече Бесими.

Буџетот за следната година, како што рече Бесими, ги содржи клучните елементи на среднорочната фискална политика, односно заложбата за постепена фискална консолидација, одржување на макроекономскта стабилност и забрзување на економскиот раст.

И Буџетот за 2023 година се заснова на златното правило во економијата – капиталните расходи да бидат повисоки од буџетскиот дефицит.

Капиталните расходи се планирани на ниво од околу 48,9 милијарди денари или за околу 52,3 проценти повисоки во однос на планот за 2022 година, при што за финансирање на инвестициите планирано е да се обезбедуваат средства од повеќе извори – буџетски средства, ИПА фондови и заеми. Тие се наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.