
Македонското пиво најмногу се пие во Косово и Албанија
Македонија во првите седум месеци од годинава извезла 7,1 милиони литри пиво, што е повеќе отколку во текот на целата 2025 година, кога извозот изнесувал 6,15 милиони литри. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека по минатогодишниот пад на производството, годинава пиварската индустрија бележи значително подобрување на извозните резултати и позитивен трговски биланс.
Македонија во првите седум месеци од годинава извезла 7,1 милиони литри пиво, што е повеќе отколку во текот на целата 2025 година, кога извозот изнесувал 6,15 милиони литри. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека по минатогодишниот пад на производството, годинава пиварската индустрија бележи значително подобрување на извозните резултати и позитивен трговски биланс.
По минатогодишниот дефицит во трговијата со пиво, кога во земјава беа увезени 12,6 милиони литри, а извезени 6,15 милиони литри, годинава е забележан пресврт. Во периодот јануари-јули 2026 година извозот достигна 7,1 милиони литри, наспроти увоз од 3,08 милиони литри, при што Косово и Албанија остануваат главни пазари за македонското пиво.
Македонија лани произвела 659 980 хектолитри пиво, што е намалување од 5,7% во однос на претходната 2024 кога се произведени 700 025 хектолитри.
Истовремено во земјава се увезени 12,6 милиони литри пиво, што е речиси двојно повеќе од тоа што е извезено – 6,15 милиони литри.
Македонскиот пазар на пиво во 2025 година најмногу се снабдува од Полска, Србија и Романија, додека наjмногу се извезува во Косово и Албанија.
За разлика од 2025 година, кога Македонија има значителен трговски дефицит кај пивото, во 2026 година има голем трговски суфицит.
Во првите седум месеци од годинава, според податоците на Државниот завод за статистика, извезени се 7 105 529 литри пиво во вредност од 5,63 милиони евра, додека увезени се 3 080 359 литри. во вредност од 2,13 милиони евра
Ако трендот од првите седум месеци продолжи до крајот на годината, 2026 ќе биде најдобрата година за надворешно-трговските резултати на македонското пиво во последните неколку години, со значителен трговски суфицит и силно зголемена извозна ориентација. Извозот е повеќе од 2,3 пати поголем од увозот по количина и 2,6 пати поголем по вредност.

Регионалните пазари на Западен Балкан го носат најголемиот дел од извозот. Србија и Полска остануваат најголеми добавувачи на увозно пиво, додека мексиканското и словенечкото пиво се меѓу најскапите увозни категории, што покажува присуство на премиум брендови.
Според податоците на Државниот завод за статистика производството на пиво во периодот 2007-2025 година покажува цикличен тренд со умерени осцилации. Најголемо производство е забележано во 2019 година кога се произведени 738.396 хектолитри, додека најниското производство на пиво е во 2011 година со 611.836 хектолитри. Производството во лани е за околу 10% под рекордната 2019 и околу 8% над најлошата 2011 година.
Македонија во 2025 година увезла над 12,5 милиони литри пиво во вкупна вредност од 9,4 милиони евра. Просечната увозна цена на литар пиво е 0,76 евра.
Пет земји обезбедуваат околу 74% од вкупниот увоз на пиво и тоа Полска (22,5%), Србија (19,5%), Романија (11,8%), Грција (10,6%) и Германија (9,2%).
По цена, највисока просечна цена по литар увезено пиво има од Ирска (2,1 евро/л), Мексико (1,64 евра/л) и Словенија (1,19 евра/л), додека најниска Полска (0,56 евра/л), Србија (0,59 евра/л) и Црна Гора (0,59 евра/л).

Извозот на пиво е релативно стабилен и се движи околу 6,4 милиони литри годишно, додека за три години увозот е зголемен за 25,3%, од 10 милиони литри во 2022, на 12,6 милиони литри во 2025 година. Ова покажува дека домашниот пазар сè повеќе се снабдува со увозни брендови.
Минатата година Македонија извезла над 6 милиони литри пиво, со вкупна вредност од 4.306.473 евра. Најважен пазар е Косово, кое учествува со околу 70% од вкупниот извоз, додека заедно со Албанија сочинува речиси 93% од целокупниот извоз на македонско пиво.
Извоз кон земји од ЕУ постои, но во значително помали количини (Малта, Хрватска, Австрија, Германија, Полска, Словенија).
Просечната извозна цена е околу 0,71 евро за килограм пиво. Највисока цена по литар има на пазарите во САД: 1,22 €/кг, Австралија: 0,92 €/кг и Швајцарија: 1,03 €/кг, додека најниска во Србија: 0,54 €/кг, Косово: 0,69 €/кг и Албанија: 0,70 €/кг.
