Забележуваат дека со овој нацрт-закон културните работници ќе бидат ограничени и уназадени и бараат истиот да се повлече.Клучната забелешка им е што со законот се планира регулација на работните места на уметниците.
Баравме како СКРМ да бидат извадени работните места на вработените од културата од закон и тие да бидат уредени со колективен договор, онака како што сметаме дека е најисправно да бидат уредени, бидејќи вака со закон ние немаме можност да ги ставиме луѓето на оние позиции на кои што сметаме дека припаѓаат.
Со сличен став се огласија и од СОНК. Велат дека со ваквите постапки не се почитува социјалниот дијалог и партнерството помеѓу релевантните институции. Како и СКРМ, бараат веднаш да бидат вклучени во изготвувањето на новиот Закон за културата.
Министерката Костадиновска-Стојчевска сепак смета дека реакциите се неосновани, бидејќи станува збор за закон во изработка, а во следната фаза ќе се зeмат предвид и забелешките на синдикатите.
-Имавме состанок на 14 октомври, каде што се договоривме дека ќе го видат законот, а законот се разбира не е ни во собраниска процедура, зборуваме за нацрт-верзија на законот кој што го имаат на својот меил и можат да го разгледуваат така што роковите не се толку фиксни, ние можеме да разговараме со нив, како тогаш што побараа средба кај мене, повторно да се обратат, да кажат малку ни е тој рок, бараме пролонгирање, не е тоа никаков проблем.
Превирањата во културните институции почнаа откако Владата пред еден месец донесе заклучок со кој му наложи на Министерството за култура во најкраток временски рок да започне постапка за склучување на нов колетивен договор за културата или да подготвни законски измени со кои системот на плати ќе го усогласи со методологија која се применува кај административните службеници, при што платите на вработените во културните установи ќе се ревидираат на соодветно ниво кое ќе биде во согласност со платите на останатите вработени во јавниот сектор.