Ќе се прави прераспределба на неискористени буџетски средства, со одлука на Собранието

Собранието донесе Одлука за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите за 2022 година.

Неискористените средства од државни институции, со Одлуката се пренаменуваат за други цели и за обезбедување дополнителни пари онаму каде што е најпотребно.

Средства ќе се пренаменат за ЕСМ – за домашно производство на енергија и надминување на последиците од енергетската криза, потоа за редовно финансирање на политичките партии, за финансиска поддршка на МЖ Транспорт, средства ќе се пренасочат за уредување на ТИР-зоните, дополнителни средства ќе има за мерки за контрола и искоренување на болеста африканска чума кај свињите, за електрична енергија за хидросистемот на Дојранско Езеро, за набавка на технологија за управување со отпад.

Со прераспределбата ќе се обезбедат и дополнителни средства за дотации од приходите од ДДВ за општините, односно дополнителни 0,5 отсто од наплатениот ДДВ во претходната година, распределен во два нови дополнителни дела – 0,25 отсто за дел за перформанси и 0,25 отсто за дел за воедначување, согласно последните измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа.

Според Одлуката, средствата за наведените намени се обезбедени по основ на заштеди од помалку реализираните расходи кај одредени буџетски корисници и дополнително обезбедени средства по основ на КАПЕФ-механизмот заради слабата реализација на капиталните расходи.

Во расправата по оваа точка од дневниот ред на 88-та седница, пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека ќе гласаат за одлуката зашто се скратуваат, како што рече, уште 100-ина милиони евра непродуктивни трошоци и затоа што сметаат дека „граѓаните и стопанството не треба да трпат и плаќаат за неспособноста на функционерите на оваа влада“.

Пратениците претходно гласаа да се донесе Законот за ратификација на Рамковната спогодба за финансиско партнерство помеѓу Европската комисија и Република Северна Македонија, за спроведување на Инструментот за претпристапна помош ИПА III, за периодот 2021- 2027 година.