
Баркбу од ММФ: Инфлацијата ќе се смири!
„Се очекува инфлацијата да се смири“ оценува шефицата на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во земјава, Берглјот Баркбу во интервју за ТВ24.
„Зголемувањето на инфлацијата е светски феномен, ги одразува високите цени на енергијата и храната, исто така одразува и некои подолготрајни логистички нарушувања од пандемијата. Тоа е особено присутно во земјите како Македонија, бидејќи храната и енергијата заземаат голем дел од потрошувачката кошничка и затоа инфлацијата е висока. Во поглед на политиките за справување со кризата, би рекла да се фокусирате на две области. Едната е да се биде одговорен при јавните трошоци, зголемувањето на платите, пензиите и минималната плата. Втората, веќе видовме дека Народната банка започна со затегнување на монетарната политика“ – рече шефицата на Мисијата на ММФ.
Таа дополни дека со оглед на тоа што инфлацијата е се уште висока, веројатно ќе биде потребно и натамошно затегнување на монетарната политика.
Баркбу истакна и дека во ситуација на големи глобални ризици, помага тоа што земјава го има ПЛЛ аранжманот со ММФ, кој обезбедува добра заштита.
Во однос на банкарскиот систем таа оцени дека банкарскиот систем се држи добро, нефункционалните кредити се со ниски стапки и банките ги имаат потребните бафери за да се справат со ефектот на шоковите.