ЕСМ купи гас за првата половина на ноември, за втората ќе чека понуда на контакт од Мицкоски
ЕСМ купи гас од Макпетрол за топланите „Исток“ и „Запад“ но само за првата половина од ноември. Во колкави количини и по која цена не е познато. За остатокот од месецот ќе се чека нова понуда од ПГО, фирмата која како контакт ја понуди Мицкоски, која треба да ја докомплетира документацијата и, како што велат од ЕСМ, ќе биде во можност да испорачува топлинска енергија по 15-ти следниот месец.
Во следните денови ЕСМ дистрибуција треба да потпише договор со ТЕ-ТО за преземање на топлинската енергија од оваа когенеративна термоелектрана а гас за неа ќе се набавува дополнително бидејќи веќе располага со потребните енергенси доволни за следните 30 дена.
„Набавката на природен гас за пократок временски период е направена од причина што се бележи пад на цените на природниот гас на берзите и очекувањата се дека ќе се обезбедат поповолни услови, пред се финансиски, доколку се набавува сукцесивно за последователни покуси периоди.
Бектеши денеска беше во Софија на потпишувањето на договорот помеѓу ГА-МА и бугарскиот оператор за пренос на гас Буглартрансгаз за зголемување на капацитетот на интеконекторот. Според проценките, сега Македонија ќе може да добива дополнителни 500.000 нормални метри кубни гас, но и отвора можност за снабдување од повеќе извори. Договорот ќе почне да се имплементира од Нова година.
„Многу е важно да се наведе фактот дека после независноста на нашата држава за прв пат се либерализира пазарот на природен гас и тоа секако дека е согласно ЕУ директивите и се зголемува конкурентноста во делот на трговијата со природен гас во нашата држава и еднаш засекогаш ќе се укине монополската улога на одредени компании кои години наназад тргувале со природен гас.“
Освен активностите за набавка на гас, од Владата по вчерашната вонредна седница потврдија дека ќе има повластена цена на струјата за производителите на основни прехрамбени производи од 80 евра по мегават час како и за основните, средните училишта и јавните претпријатија за водовод и канализација од 95 евра по мегават час. Надлежните уверија дека и за овие институции ЕСМ во целост ќе ги покрие потребните количини електрична енергија. Истовремено им забранија на општините да формираат претпријатија за улично осветлување, за да не го заобиколуваат законот и на тој начин да се враќаат на регулираниот пазар.