Србија привремено ја затвора амбасадата во Киев, Кина со повик до граѓани да ја напуштат Украина

Амбасадата на Република Србија во Украина, од безбедносни причини ќе биде привремено затворена, а персоналот на тоа дипломатско-конзуларно претставништво во Киев ќе продолжи да работи од Белград до исполнување на условите за враќање.

-За сите граѓани на Србија кои се уште се наоѓаат во Украина, помош ќе имаат нон-стоп во наредниот период, а можат да се обратат на посочени телефонски броеви или да пишат на е-маил адреса, се наведува во соопштението на српското МНР.

Во него се додава дека за секаква помош и соработка им стојат на располагање амбасадите на Србија во земјите кои се граничат со Украина.

И кинеското Министерство за надворешни работи ги повика граѓаните на таа земја да ја напуштат територијата на Украина, објави на Твитер кинеската државна агенција Глобал Тајмс.

-Граѓаните на Народна Република Кина кои се во Украина се повикани „да ги зголемат мерките на претпазливост и да се евакуираат“, а амбасадата на земјата е подготвена да обезбеди помош во организирање на заминувањето, се наведува во соопштението.

Покрај Кина, како што пишуваат срспките медиуми, „на евакуација наводно повикале и Казахстан, Киргистан, Узбекистан, Туркменистан, Таџикистан, Белорусија и Египет, но тоа е невозможно со сигурност да се потврди“.