Тренчевска: Новиот пакет мерки ги опфаќа најранливите категории граѓани
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во Дневникот на Сител тв зборуваше за новиот пакет антикризни мерки за социјално ранливите категории, социјалниот дијалог со синдикатите и платите во јавниот сектор.
Таа информираше дека, финансиската поддршка која им беше исплатена на примателите на Гарантирана минимална помош, е поддршката која беше планирана пред ребалансот на буџетот, но се исплати сега, при што 36.000 домаќинства добија еднократна финансиска поддршка од 3000 денари.
Во врска со креирањето на мерките и кој се ќе биде опфатен со нив, министерката Тренчевска истакна дека претходел широк процес на консултации со граѓански организации, центри за социјални работи и министерствата. Оваа целна група на ранливи категории на граѓани кои ќе добијат финансиска поддршка како дел од пакетот на новите мерки за полесно справување со кризата е со опфат на околу 170.000 граѓани.
Во врска со поддршката на пензионерите Тренчевска информираше дека пензионерите со минимална пензија и до 11.525 денари ќе добијат финансиска помош од 6000 денари или 4 месеци по 1500 денари, а оние со пензија над 11.526 денари до 14.000 денари поддршка од 3000 денари или 4 месеци по 750 денари. Двете категории на пензионери се околу 130.000 лица, кои оваа поддршка ќе ја добијат на своите сметки одвоено од пензијата.
Во овој пакет се вклучени лица приматели на социјална сигурност, лицата кои го користат правото за попреченост,родителите на децата со попреченост до 26 годишна возраст, кои користат право на посебен додаток,лицата со попреченост кои користат право за помош и нега од друго лице, а не користат право заради попреченост, лицата со потешки трајни промени во здравствената состојба, а не користат право заради попреченост, самохрани родители корисници на Гарантиран минимален приход и невработени лица – корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок (стечајни работници), согласно Законот за материјално обезбедување.
Министерката изрази уверување дека буџетот е во одлична кондиција, состојбата ќе се следи со цел креирање на нови мерки.