Гостиварската болница „Ферид Мурад” во иднина ќе штеди на енергија за затоплување и ќе биде енергетски поефикасна, откако со половина милион евра беше направена реконструкција на надворешноста на објектот. Ова го констатира, претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, кој денес беше во посета придружуван од вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерот за здравство Беким Сали.
По обиколката и увидот на завршените работи, кои започнаа пред една година, премиерот во обраќањето напомена дека работите завршиле во предвидениот рок исто како и повеќето проекти кои се опфатени од ТАВ програмата.
-Гостиварската болница доби околу 8.000 квадратни метри, целосно нова енергетски ефикасна фасада и целосно нови ПВЦ прозорци и врати. Ова е значајно во време на енергетска криза, кога е потребно да заштеди што е можно повеќе, рече Ковачевски.
Тој напомена дека државата ќе посвети внимание на сите граѓани, и како што напомена, никој нема да биде изоставен и да биде загрижен дали да избира помеѓу храна и греење во време на криза.
Зборувајќи за актуелниот момент, премиерот Ковачевски напомена дека Владата се погрижила да обезбеди струја и таа да е субвенционирана за 611.000 македонски домаќинства во земјава и за 72.000 мали потрошувачи, фирми кои вработуваат 98 отсто од работниците во државата. За таа намена, додаде тој, државата одвои над 220 милиони евра.