Антевски: Нашата цел е да се олабави законот за поставување на фотоволтаици и ветерници

Генералниот директор на Раде Кончар – ТЕП, Горан Антевски во емисијата Трилинг, истакна дека во деведесетите години компанијата имаше големи проблеми и беа тешки за компанијата. Се успеало да се избори компанијата да опстане на пазарот и овие моменти сега се тешки за фирмата и се надеваат дека кризата ќе биде последна.

– Моја заложба како бизнисмен е владата да ги олабави законите за да може да работиме. Компанијата не може да обезбеди доволно енергија по поевтина цена колку што е на берзите. Нашата цел и заложба е да се олабави законот за поставување на фотоволтаици и ветерници, зошто тоа е иднината на нашата држава за надминување на овој период на енергетска криза и самостојно да работиме и да не зависиме. Нас ни е важно за сопственото производство да го регулираме и нашите производи да бидат со конкурентна цена. Инаку, ќе не исфрлат од пазарот – вели Антевски.

Антевски потенцираше дека сите овие години немало инвестиции во термо и хидроцентрали. Сега, со развојот на фотоволтаиците, е подобро тие да се постават заради работата на компаниите кои би ги користеле дење, на сонце.

– Законските одредби за поставување на фотоволтаици ни бараат многу документи, постапката трае неколку месеци. Можете да произведете се друго, само струја не. Не можам да кажам дека некој ја опструира постапката, може одел со добра замисла за стандарди за поставување на фотоволтаици, но тие се претешки според нашите стандарди. Може е препишан законот од европските регулативи, но кога имате проблем со некој закон во бизнисот, вие наоѓате решение да го решите – вели Антевски.

Вели дека во разговорите со владата знаат дека има проблем, но не се наоѓа начин да се смени законот.

Правите бизнисмени секогаш бараат решение и за компанијата и за вработените и сакаат да добијат помош од владата, но првенствено самата влада треба да најде можност да им помогне. Голем дел од компаниите веќе затворија, зошто не може да се издржи ова темпо на струјата и дека и тие како компанија имале во последните месеци големи сметки.

– Ние сме македонска компанија и кај нас се вработени 75 работници и се грижиме за нашите вработени. Ние, ниту во ковидот не затворивме, ги исплаќавме платите без да отпуштиме вработени како што беше во странските компании. Се трудиме да ги задржиме, да бидат задоволни и да работиме. Неколку пати сме разговарале со државата, ние плаќаме ДДВ при увоз на нашата опрема, го фактурираме спрема нашите купци и тоа ДДВ наместо да ни се врати, се пресметува. Ни се враќа после одреден период, како што е сега кога година дена не ни е вратено, зошто се предвидува дека ќе дојде контрола да провери дали е во ред, а ја нема. Ние ги молиме да дојдат, нив ги нема – вели Антевски.