Доларот благо ослабе, цената на нафтата е стабилна
На валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути благо падна по три дена раст. Индексот на доларот кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути се движи околу 113,27 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 113,43 поени.
Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 146,20 на 146,85 јени, што е ново највисоко ниво од 1998 година. Поради оваа причина, јапонските власти повторно, како и пред неколку недели, се заканија дека ќе интервенираат на пазарот.
Незначително зајакна и американската валута во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 0,9705 долари, додека вчера во овој момент изнесуваше 0,9710 долари. Цените на нафтата, пак, се стабилни на вчерашните нивоа кога паднаа за околу 2 отсто. Цената на барелот на лондонскиот пазар утринава порасна за 0,14 отсто, на 92,60 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 0,05 отсто, на 87,25 долари.
Цените на акциите паднаа на азиските берзи во четвртокот, како и на Волстрит еден ден претходно, бидејќи инвеститорите не се склони кон поризични инвестиции пред извештајот за инфлацијата во САД, што може да влијае на насоката на пазарот.
Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без Јапонија, беше намален за 0,5 отсто околу 7:00 часот и се движи близу до најниското ниво во последните две и пол години. Истовремено, на токиската берза индексот Никеи ослабе за 0,5 отсто, додека цените на акциите во Хонг Конг и Јужна Кореја паднаа меѓу 1 и 1,2 отсто. Во Шангај и Австралија тие се зголемени за околу 0,2 отсто.
Азиските берзи го следат вчерашниот пад на Волстрит. Dow Jones загуби 0,10 отсто, додека S&P 500 се лизна за 0,33 отсто, а Nasdaq индексот 0,09 отсто. Записникот од последната седница на американската централна банка објавен вчера не донесе никакви изненадувања.
Тој покажа дека челниците на ФЕД се согласуваат дека треба да се води рестриктивна монетарна политика за да се спушти инфлацијата од највисоките нивоа во последните 40 години.