Нема мерки за големиот бизнис, ниту се разговарало за барањата на синдикатите

Седницата на Економско -социјалниот совет била прекината бидејќи ништо од тоа што го барале Синдикатите во изминатиот период не било ставено на дневен ред, изјави Трпе Деаноски, претседател на Синдикат на управа, правосудство и здруженија (УПОЗ).

Тој во емисијата „Топ тема“, на телевизија Телма, рече дека на денешната средба со претставниците на Владата не биле ставени како точки на дневен ред методологијата на плати која беше најавувана, и уште се најавува помпезно од страна на влада, не се разговало за фискални импликации, ниту пак за потпишување на нови колективни договори.

Од Министерството за труд соопштија дека на Советот во фокусот биле владините антикризни мерки. Освен членовите на Советот, на состанокот присуствувале и претставници на нерепрезентативните синдикати и бизнис конфедерацијата на Македонија.

Власта, со оглед на актуелните состојби во државата најавила дека во наредниот период Советот почесто ќе се среќава.

Владата на 9 октомври најави сет мерки за парична помош на најранливите категории граѓани и за пензионерите, како и олеснувачки мерки за школите, јавните здравствени установи, водоводните претпријатија и бизнисот.

Но на оваа седница на Советот се очекуваа мерки за големиот бизнис, кој набавува струја на слободниот пазар.

Големите фирми велат дека се соочени со огромни сметки и се под ризик да стават клуч на врата доколку брзо не добијат државна помош.

За можноста за отпуштање на голем број работници предупреди и Стопанската комора на Македонија. Според анкетите што ги објави Кризниот штаб на Стопанската комора, ќе следува од 30 до 50 проценти намалување на вработените ако кризата продолжи, а компаниите не ја добијат потребната поддршка.