Студентите од Факултетот за бизнис економија поднесоа претставка до Просветниот инспекторат

Студентите кои останаа без професори на приватниот Факултет за бизнис економија зашто од в.д. директорката добија откази, денеска поднесоа претставка до Државниот просветен инспекторат (ДПИ) и барање за увид во документацијата од вонредниот инспекциски надзор започнат во петокот.

Тој почна по претставката која веќе ја доставија отпуштените професори. А, претставката од студентите е поради незадоволството што при надзорот, Просветниот инспекторат не ги вклучил отпуштените професори. Од таму им кажале да не паничат.

„Ни кажаа дека работат на случајот, дека им недостига одредена документација, дека ќе гледаат што побргу да нè алармираат, дека нема простор за паника. Но, уште како има простор за паника. Јас морам да кажам дека имам колеги на кои им фалат уште два испита, кои се вработени во приватен сектор и ако до ноември не ги донесат дипломите, ќе останат на улица , без работа“, вели Марија Михајловска, студентка на Факултетот за бизнис економија.

Од ДПИ им кажале на студентите дека во надзорот ќе ги вклучат и професорите кои добија откази. Но, одговорното лице за односи со јавност во Инспекторатот, со поинаква изјава пред медиумите.

„Во однос на делот за отпуштените наставници, за тој дел ќе мора да се обратите до ДИТ бидејќи се работи за работни односи.Во однос на делот за одвивање на наставата, соодветност на наставниот кадар и бројност на наставниот кадар, тој дел од надзорот ќе биде наш. И за тоа по завршување на надзорот ќе ви дадеме повеќе информации“, изјави Јане Николовски, портпарол во ДПИ.

А, од Државниот Трудов инспекторат (ДТИ) потврдија дека работните односи се во нивна надлежност и дека надзорот трае.

„Во тек е инспекциски надзор и разгледувањето на прибавената документација. По утврдување на целата фактичка состојба јавноста дополнително ќе биде информирана“, порачуваат од ДИТ.

Од 14 септември до 6 октомври, од Факултетот за бизнис економија се отпуштени шест од вкупно седум професори, па акредитацијата на оваа високо образовна институција сега е под знак прашање, затоа што согласно законот, потребно е минимум 10 редовно вработени професори за да работи факултетот.

Отпуштените професори коментираа во понеделникот дека проблемите настанале, откако во јуни за в.д. директорка била назначена Жанина Кировска која го довела факултетот на раб на пропаст. А, Кировска кажа дека отпуштањата се по барање на основачот на факултетот, зашто биле констатирани незаконски дејствија за кои ќе има судска разрешница и дека отпуштените професори набрзо ќе бидат сменети со нови. Но, студентите се револтирани зашто постапката за избор на новите професори дополнително ќе го пролонгира стартот на академската година. Тие најавија протести доколку до понеделник не добијат конкретни одговори од надлежните.