Народната банка интервенираше – кредитите треба да поскапат, а штедењето да се стимулира

Каматната стапка на благајнични записи се зголеми за 0,5 процентни поени, и таа сега е 3,5 проценти, одлучи Народната банка. Оваа каматна стапка се смета за основна и таа е дел од пресметките за каматите на комерцијалните кредити, но и за каматите на депозитите.

Со растот на основната каматна стапка, Народната банка ја спроведува својата монетарна политика, со цел да влијае врз инфлацијата која достигна 18,7 проценти на годишно ниво во септември, според мерењата на Државниот завод за статистика. Растот на основната камата треба да ги поскапи кредититие, со цел да се дестимулира задолжувањето, но треба да донесе и повисоки камати кај депозитите, со цел да го стимулира штедењето. На тој начин, треба да има помалку пари во оптек, а тоа треба да влијае на намалување на цените на производите, за кои би имало помала побарувачка.

Оттаму забележуваат дека иако кај цените на храната веќе се видливи поизразени надолни приспособувања на светските берзи, сепак нагорните притисоци од цените на електричната енергија го отежнуваат, односно го забавуваат пренесувањето на овие трендови кај цените на храната на домашниот пазар. Покрај тоа, на ова делува и неизвесноста од идната динамика на цените на примарните производи на берзите, а особено на енергентите, којашто е нагласена поради воените случувања во Украина и санкциите кон Русија.

„Во септември, најголемите централни банки продолжија со позначителни зголемувања на референтните каматни стапки, при нагорни корекции на очекуваната патека на инфлацијата на глобално ниво. Во такви околности, цените на државните обврзници во САД и во еврозоната и понатаму се намалуваа, односно нивните приноси забележаа пораст. Истовремено, вредноста на САД-доларот во однос на еврото и натаму зајакнува, согласно со зголемената побарувачка за САД-долари, како и при релативно поповолни изгледи за американската економија. Во текот на месецот, цените на повеќето енергенти и на храната на светските берзи се намалија“, заклучува Народната банка.