![](https://triling.mk/wp-content/uploads/2022/10/57902434_1006-750x430.jpg)
Јовановиќ: Поважно од стагфлацијата е што ќе стори државата
Македонската економија може да влезе во стагфлација, предупреди Светска банка во есенскиот извештај. Со оглед на ризикот од стагфлација (забавен или низок економски раст, проследен со високи стапки на инфлација), земјата ќе мора да почне со реализација на реформите кои можат повторно да го зајакнат растот на среден рок.
„Точно е дека Светска банка во најновиот извештај спомнува ризик од стагфлација за Македонија, но всушност нивните прогнози се прилично оптимистични“, вели за Дојче веле Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии. Тој наведува дека за оваа година Светската банка прогнозира раст од 2.1%, а за наредната од 2.7%, што воопшто не е лошо.
„Нашиот институт, на пример, уште во јули за оваа година прогнозираше раст од само 1%, а за наредната, проекциите се уште пониски. Во јули веќе се забележува голем пад и кај индустриското производство и кај трговијата на мало – од околу 5%, што значи дека е реална можноста Македонија да забележи пад на БДП веќе во третиот квартал на годината“, укажува Јовановиќ.
Војната во Украина и енергетската криза ги замаглуваат изгледите за раст, инфлацијата се движи кон највисоко ниво на сите времиња, несразмерно намалувајќи ги реалните приходи на сиромашните. Со ограничен фискален простор, зголемен јавен долг и зголемени трошоци на финансирање, фискалната поддршка треба да се насочи кон најранливите, смета Светската банка.
Економскиот истражувач за Виенскиот институт се согласува дека оваа година и наредната ќе има забавен економски раст, можеби и стагнација. Несомнено е и дека инфлацијата ќе биде висока. За да се класифицира тоа како стагфлација, ќе биде потребно таа состојба да продолжи уште некое време.
„Никој не може да каже каква ќе биде 2024 година, тоа ќе зависи пред сѐ од војната во Украина, а во моментов никој не може кога и како војната ќе заврши“, дециден е тој.
Но, многу поважно од тоа дали ќе има стагфлација или не е – што треба државата да направи за да ги ублажи негативните ефекти.
„Првото што треба да го направи е да преземат мерки за контрола на инфлацијата, конкретно, преку замрзнување на цените на основните прехранбени производи и енергенсите. Земјите во соседството кои го направија тоа – Албанија и Србија – имаат најниска инфлација во регионот“, вели Јовановиќ.
Второто што е потребно е да се поттикне е растот на платите, зашто без тоа, ќе се намалува куповната моќ на луѓето, па тие помалку ќе трошат, што дополнително ќе ја забави и економската активност. „Како трето, потребно е да се зголемат социјалните трансфери, особено за најранливите и најсиромашните, затоа што тие се оние кои се погодени најмногу од оваа криза“, посочува за ДВ Бранимир Јовановиќ.