На Борусија Дортмунд и стигна сметката за струја

Во Германија фудбалските клубови, колку и да имаат голем буџет, тешко можат да го поднесат поскапувањето на струјата. Германскиот Билд пишува дека Борусија Дортмунд доживеала „милионски шок“ поради наглото зголемување на трошоците.

Досега Борусија плаќала околу четири милиони евра за електрична енергија, а сега треба да издвои дури 10 милиони евра.

„Раководството на клубот одамна презеде драстични мерки за штедење. Нашата цел е да ја намалиме потрошувачката на енергија и поврзаните трошоци во сите имоти за околу 15-20 проценти“, објасни директорот на Борусија, Карстен Крамер во интервју за „Билд“.

Некои од преземените акции се веќе видливи во близина на стадионот на Борусија (Сигнал Идуна Парк). Стадионот повеќе нема да биде осветлен во текот на ноќта, а логото на BVB ќе биде исклучено. Екраните ќе се користат само во деновите на натпреварите.

Освен тоа, според Билд, во иднина значително ќе се намали употребата на рефлектори, а ќе се исклучат и греењето и осветлувањето на тревниците. Навивачите мора да се прилагодат на промените, особено во ВИП зоната. Стадионот е помалку загреан, а ладилниците во ВИП собите се вклучени само за време на натпреварите. Па можеби навивачите треба да носат подебел џемпер следниот пат кога ќе дојдат на стадион, заклучуваат новинарите.

Борусија е само еден од бројните германски клубови кои одлучуваат да преземат радикални чекори со цел значително да ја намалат потрошувачката на енергија, а со цел идните сметки да бидат значително пониски.

Неодамна во седумкратниот шампион на Германија, Нирнберг, кој игра во 2. Бундес лига, решија повеќе да не играат навечер за да не го вклучат рефлекторите. Ќе играат во текот на денот, а на овој начин ќе се обидат што побезболно да го поминат периодот на големата криза која настана во светот.

Ако големите и богати клубови на Запад веќе се борат со кризата, што може да се каже за некои „мали“ клубови и за оние кои доаѓаат од сиромашните земји?