Масакр врз цивили во Украина, истрелани ракети кон конвој цивили, најмалку 23 мртви

Утринава руски сили истрелаа ракети врз цивилен конвој автомобили и комбиња во близина на градот Запорожје, соопшти Олександр Стријук, украински гувернер на областа Запорожје. Стануваше збор за конвој цивили кои со автомобил оделе да ги земат своите роднини од териториите под руска окупација.

„Непријателот нападна цивилен конвој во предградијата. Луѓето беа во колона која требаше да се упати кон окупираната територија за да ги земе роднините и да достави помош. Има мртви и ранети, а итната помош е на терен“ се огласи Стријук на Телеграм, а потоа уште еднаш извести и за бројот на загинати и ранети.

„Во моментов знаеме за 23 мртви и 28 ранети. Сите цивили, наши сограѓани. Горете во пеколот, проклети расисти“ – објави тој на Телеграм.

Кирил Тимошенко, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, објави повеќе детали за масакрот на Телеграм:

„Теророт продолжува, убиствата продолжуваат. Тие лансираа 16 ракети С-300. Четири паднаа во близина на продавницата за автоделови каде што се собираше конвојот“ – напиша Тимошенко.