Денес на седницата за пратенички прашања, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки потсети дека Ковачевски е нелегитимен затоа што не бил на избори, тоа сите го знаат и тоа веќе се утврди. Но, дека е неспособен да ја води државата, тоа го гледаат граѓаните веќе 9 месеци.
„Единаесет дена го прашуваме премиерот во врска со една објава на социјалните мрежи, а која се однесува на неговата од лекари потврдена трајна неспособност да и служи на државата. Пред да дојдам до прашањето кое ќе биде кратко, јасно и недвосмислено поставено, сакам некои работи да појаснам, за дел од пратениците, за дел од македонската јавност, но и за премиерот кој што лично сам се има произнесено дека нема служено војска. Премиерот е неколку години постар од мене, а во тој период беше задолжително служењето“, рече Ковачки.
Ковачки нагласи дека не е само должност, туку и чест е да се служи војска. Чест е да се служи на државата и на својот народ. Чест е, не само обврска, да се брани државата кога таа е нападната.
„Чест е кога ќе паднеш ЗА својата земја, затоа што ТИЕ што загинале за неа, вечно живеат во срцата, но и во спомените на своите. Така вечно живеат: Коце на 40 години, Гоце на 39 години, Драго на 35 години, Бобан на 33 години, Благојче, Ерол и Влатко на 26 години како што имал премиерот кога одбил да оди во војска, Игор, Илче и Кире на 24 години, Пеце на 22 години и Оливер на 21 година, Фејзо на 20, Никола на 19 години, дете“, потсети Ковачки.
„Пред мене седи човек во првите редови, кој во 2001 година одбра да биде нечесен, одбра да дезертира и да не и помогне на државата тогаш кога таа уредно со покана го побарала. Пред мене седи човек кој одбил да оди во војска затоа што решил да се спаси. Тој не мислел дека е чест да се брани државата. Тој барал начини само како да се спаси. Додека патриотите гинеа и ги полнеа гробовите, Ковачевски, дете на градоначалник и висок функционер на СДС, во 2001 година се криел под јорган. Од оваа временска дистанца би сакал да го прашам Ковачевски како гледа на загинатите од Втората Светска Војна? Премиере, зарем ќе ја имавме државата ако во Втората Светска Војна нашите се криеле од фашистите? Зарем ќе имаше г-не Ковачевски каде да држите говор на 2-ри август и да ја величате жртвата на Илинденците доколку и тие како вас одлучеа да се спасат од турскиот аскер? Еве што лично Вие, човекот што одби да земе оружје во рака за да си ја брани државата, изјавивте на 2-ри август, како што вика народот – без срам и перде – Илинденците со оружје во рака се бореле за ние денес да можеме да водиме други, поинакви битки,…“, цитира Ковачки.
Ковачки истакна дека кога Илинденците, партизаните, тие можеле да се борат со оружје во рака, но Ковачевски во 2001 одби да земе оружје во рака. За сегашниот премиер не важел ниту закон, не важел ниту повикот на државата што во тоа време крвареше.
„Кога најголем дел од граѓаните застанаа во одбрана на државата во 2001 година, кога Куманово беше оставено без вода, а неговите кумановчани но и сите останати облекоа униформа и застанаа во борбата за одбрана и за слобода, Ковачевски бил подготвен да трпи и за леб и за вода, можеби и да умре, само да не се приклучи на АРМ. Тој не само што не чувствувал потреба да ја брани државата и да се пријави доброволец, туку тој и одбил да служи. Приложил документ со кој потврдил дека е трајно неспособен!! Па после тоа се правдаше дека бил на школување, за да цела македонска јавност види дека лично тој приложил документ дека е трајно неспособен. Значи влегува од лага во лага“, нагласи Ковачки.
Ковачки потсети дека во документ многу јасно се гледа дека со ЦРВЕНО е напишано дека лицето Димитар Ковачевски е трајно неспособен за служење воен рок. Лице кое или ЛАЖИРАЛО дека е трајно неспособно или е трајно неспособно не може да биде премиер на државата. Не само тоа, не смее да води ниту една државна институција. Таквото лице, кое одбило да ја брани сопствената држава поради трајна неспособност или лажирање, не смее да има пристап до највисоките државни тајни затоа што така налагаат ЗАКОНИТЕ!