Собраниската Комисија за одбрана и безбедност ја одобри предлог-одлуката за продолжување на кризната состојба на територија на земјава вклучително и Градот Скопје поради недостиг на електрична и топлинска енергија.
На крајот на комисиската седница, претседателот на Комисијата Миле Талевски кажа дека откако е исцрпена листата на пријавени за збор, предлог-одлуката треба да биде проследена во понатамошна постапка до Собранието. За известител по оваа предлог-одлука до Собранието, Талевски го назначи пратеникот на СДСМ Драгољуб Филипоски.
За време на комисиската расправа, како што јави МИА, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Бети Стаменковска-Трајкоска, го прашала министерот за економија Крешник Бектеши дали го прифаќа предлогот од опозициската партија за производство на електрична енергија двојно поевтино од моменталната цена што ја има со кој, како што рече, стопанството би било заштитено.
Бектеши на тоа одговори дека во вакви глобални кризи, Владата е подготвена на отворен и транспарентен начин да разговара со сите страни со цел да се изнајде најдоброто решение кои ќе биде во корист на граѓаните и стопанството.
Тој рече дека кога ќе добијат конкретни предлози ќе ги разгледаат и ќе го најдат најдобриот предлог од сите понуди со цел, како што кажа, тоа да биде поевтино и побезбедно во делот со снабдување со топлинска и електрична енергија.
По Комисијата за одбрана и безбедност, одлуката го помина и филтерот на собраниската Законодавно-правна Комисија. Сега се очекува пратениците на пленарна седница да гласаат за продолжување на кризната состојба во енергетиката, со што ќе се овозможи шестмесечно продолжување на кризната состојба, од 1 октомври до 30 април 2023.