ОЈО информира дека до скопскиот Кривичен суд поднело Предлог за определување на мерка притвор за Сашо Мијалков, по обвинение за „перење пари и други приноси од казниво дело“ во предметот познат во јавноста како „Плацовите на Водно“.
„По денешната одлука на Апелацискиот суд Скопје со која беше прифатена жалбата на Сашо Мијалков и е преиначено решението за притвор, предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Предлог за определување на мерката притвор за Сашо Мијалков, обвинет за помагање при кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ од член 273 став 1 во врска со член 24 од Кривичниот законик, во предметот познат во јавноста како „Плацовите на Водно“ – се наведува во соопштението на ЈО.
Обвинителот цени дека и покрај дадената гаранција и определените мерки за обезбедување, се уште постои опасност од бегство.
Кривичниот суд го прифати барањето на ОЈО, па Мијалков ќе остане дополнителни 30 дена во затворот во скопска Шутка.
Инаку, претходно денеска Апелација ја прифати гаранцијата од 11.106.501 евро со што поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков ќе излезе од притвор.
Мерката притвор на Мијалков му беше изречена во врска со предметот „Трезор“, каде е неправосилно осуден на 8 години затвор.
Сашо Мијалков е во затворот во Шуто Оризари од 26. февруари годинава.