Премиерот Заев ја достави оставката до Собранието

Македонскиот премиер Зоран Заев попладнево до претседателот на Собранието ја достави најавената оставка на премиерската функција, и тоа преку владиниот курир.

„Врз основа на член 219 став два од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија во прилог ви ја поднесува оставката на функцијата претседател на Владата на Република Северна Македонија. Истовремено, ве известувам дека истата нема усмено да ја образложам“ се наведува во дел од текстот од писмената оставка на Заев.

Тој образложува дека резултатите на последните локални избори покажуваат во каков политичкиот момент се наоѓа земјата, и тие имаа и национална и политичка тежина.

„Во вакви услови за мене лично и за мене како премиер, заради политиките во кои верувам, политички неодговорно и неоправдано пред мојот народ и мојата земја би било јас лично да продолжам да ја водам владата на евроатланскиот пат. Сметам дека друг премиер од редовите на СДСМ тоа ќе може да го оствари на подобар начин“ пишува Заев.

Премиерот нагласува дека со оваа оставка презема одговорност која се надева дека ќе послужи како пример.

„Сакам да оставам пример за да се препознаат доблесните одлуки кога тоа е неопходно и со тоа да дадам уште еден придонес во јакнење на демократскиот капацитет на народот но исто така на идните лидери за да бидат свесни за својата граѓанска должност кога ја превземаат грижата за својата земја“ – пишува Заев.

Во оставка Заев вели дека во неговиот мандат се донесени историски одлуки – како договорот со Грција со кој Македонија се збогувала со референцата БЈРМ и го потврдила македонскиот јазик и идентитет како и членството во НАТО, а го споменува и концептот „Едно општество за сите“.

Оставката треба да ја констатира претседателот на Собранието, Талат Џафери, а се очекува тој тоа да го стори утре.

Според процедурите, по оставката на Заев, Претседателот Пендаровски треба да му го додели мандатот на новиот мандатар.

Уставот предвидува во рок од 10 дена да го довери мандатот на партијата, односно партиите што имаат мнозинството во Собранието.

Мандаторот во рок од 20 дена, од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.