Цената на гасот се намалува
Европскиот гас денеска (26.09) е значително поевтин од вчера. Со тоа продолжува трендот на намалување на цената на гасот. Претпладнево цената на ТТФ за холандски гас падна за повеќе од 8%, на 170 евра за мегаватчас. Во петокот цената изнесуваше 188 долари.
ТТФ (Title Transfer Facility) е виртуелен трговски пункт во холандската гасна мрежа, преку кој се одвива трговијата со гас за Холандија. Тој се смета за ориентир за европското ниво на цените на гасот. Во август цената скокна на рекордно ниво – над 300 евра за мегават час.
Според експертите, купувачите на гас можат да сметаат со продолжување на падот на цената на гасот во наредните месеци. „Сигурно ќе бидеме сведоци на намалување на цените во наредните 18 месеци“, оценува Тим Келер, раководител на сојузот „Иднина гас“.
Сепак, и покрај актуелниот пад, цените се на историски високо ниво – за споредба, пролетта 2021 година еден мегаватчас чинеше помалку од 20 евра.
Причина за падот на цените се, меѓу другото, добро пополнетите резервоари за гас во Европа. Државите успеаја да ги наполнат своите резерви. Во октомври, резервоарите за гас во некои држави веќе би можеле да го достигнат својот лимит на капацитет. Нивото на складирање во Германија неодамна беше повеќе од 90 проценти. Покрај тоа, имаше рекордно висок увоз на течен природен гас (ЛНГ) од САД и пад на побарувачката поради постојано високото ниво на цени, објаснуваат аналитичарите на EnergyScan, кој собира податоци за снабдувачот Engie. Како резултат на тоа, донекаде се намалија стравувањата од тесни грла во снабдувањето во зима.
Русија практично веќе не испорачува гас во Германија. До 2030 година, САД би можеле да станат најголем снабдувач на гас во ЕУи да обезбедат до 90 отсто од обемот што Русија го испорача во 2021 година, се оценува во студијата на експерти од Институтот за енергетска економија на Универзитетот Келн (ЕВИ).