Дали партиските превирања ќе ја погодат Владата?

Отворено незадоволство речиси истовремено изрази дел од членството на ДУИ, а помали фракции се најавуваат и во ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Внатрешно партиски превирања не се новина на политичката сцена, но колку тоа ќе донесе промени во позициите на најголемите три политички партии во земјава. Од СДСМ велат дека владината коалиција со ДУИ е стабилна, а од ВМРО-ДПМНЕ пак тврдат дека ја имаат поддршката од граѓаните.

Викендов околу дваесетина истакнати членови на ДУИ, поранешни и сегашни функционери во писмо до партискиот лидер Али Ахмети се жалат дека во последниве две години партиските органи не се активни, одлучувањето станало индивидуална сопственост и дека не се веќе добро организирана и структурирана партија. Одговорен за состојбите, според нив, е првиот вицепремиер Артан Груби.

„Имаме кревко мнозинство кое што зависи од мал број на пратеници. Однесувањето на челниците на овие политички партии ќе ја детерминираат и судбината на Владата. Ако претседателите или раководството на овие политички партии се однесуваат арогантно некој од пратениците сигурно ќе им откажат лојалност и се може да се очекува“, смета Селими.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи за информациите дека била предложена негова смена од функцијата за да се стави крај на кавгите во ДУИ рече дека се работи за лажна вест и шпекулации кои не заслужуваат коментар. Според него, во ДУИ секој има право да го каже својот став, при што посочи дека, Ахмети и партијата се фактор на стабилност веќе 20 години и гарант на евроатлантскиот курс на земјата.

„ДУИ е стабилна политичка структура во која што имало бројни осцилации, внатрешни и од надвор кон внатре, и ги има надминато без никакви последици по однос на стабилноста на партијата и на државата, така да апсолутно не очекуваме никаков понатамошен развој на случувањата. Во ДУИ последниот збор е на Ахмети, кој вчера го кажа последниот збор и тука завршуваат сите дебати“, рече Османи.

На писмото до Ахмети се потпишани се пратениците Изет Меџити и Мерита Колчи Коџаџику, заменикот министер за одбрана Башким Хасани, градоначалниците на Чаир и на Сарај, Висар Ганиу и Блерим Беџети, како и поранешниот вицепремиер Муса Џафери.

Незадоволство од кадровската политика во ДУИ на два пати имаше и претходно, но не резултираа со промени. Единствено Меџити во март минатата година се повлече од функцијата координатор на пратеничката група на ДУИ, поради несогласувањата во партијата.

Ахмети изјави дека ДУИ може да функционира без кој било поединец затоа што има стабилни структури и дека ќе се работи на менаџирање на ситуацијата.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска денеска истакна дека парламентарното мнозинство е стабилно.