Во Собранието денеска се одржа продолжението на 37. седница на собраниската Комисија за одбрана и безбедност на чиј дневен ред се предлог-одлуките за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на целата територија на државата, заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија и за постоење на кризна состојба на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија, на која присуствуваше и министерот за економија, Крешник Бектеши.
На седницата дискутираа само пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кои обвинија за „неспособност” при менаџирањето со кризните состојби во државата.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, која во неколку наврати го прекина своето обраќањето. барајќи поголемо внимание и транспарентност од министерот Бектеши, рече дека кризна состојба треба да се прогласи заради граѓаните, но власта, според неа, „не знае да се справи со проблемите произлезени од кризата”.
– Небаре руско-украинската криза е причина за целосните проблеми, таа најмногу се одрази кај нас, а другите држави дури и извезуваат, рече Мизрахи, додавајќи дека купувањето на електрична енергија ќе доведе до поголемо задолжување на државата, односно граѓаните.
Ангелинка Петкова од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека според статистиките државава е во најлоша состојба со енергетската криза.
– Производството на струја е најцрно во Македонија. Одредени држави произведуваат колку што трошат, а ние произведуваме многу помалку од колку што трошиме. Како ќе ја поминат граѓаните оваа зима, ни сами не знаат, изјави таа.
Опозициските пратеници воедно обвинија дека прогласувањето на кризната состојба ќе значи „олеснителни околности за трошење на народните пари“.
Комисијата расправата по оваа седница ќе ја продолжи утре.