Листата со имиња за помилувања што беше објавена вчера, која што предизвика серија реакции во јавноста е вратена на разгледување во затворските управи. Надлежните велат дека листата не е конечна и оти на неа нема да се најде ниту едно спорно име.
„Листата за групните новогодишни помилување според формални критериуми ја прават затворите. Минатата недела таа технички беше проследена до Кабинетот на претседателот на разгледување. Таа листа не е конечнa и не е на предлог на Министерството за правда“ – напиша министерот за правда Бојан Маричиќ на Фејсбук.
„Со мој потпис списокот го вратив назад кај затворите на уште едно разгледување“ потенцираше Маричиќ.
Заменик министерот за правда – Агим Нухиу претходно објави дека е повлечен списокот на лица предложени за помилување што треба да биде доставен до претседателот на државата Стево Пендаровски.
„Ја информираме пошироката јавност дека Иницијативите за помилување покренати од Управите на затворите се повлечени од страна на Министерството за правда! За каузата на правдата ние секогаш ќе дејствуваме!“ – напиша Нухиу.
Од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски потврдија дека Комисијата за помилување ќе ја закаже седницата кога ќе пристигне финалниот список од Министерстовото за правда со предлозите за групното помилување.
„Комисијата за помилување ќе ја закаже седницата кога ќе пристигне финалниот список од Министерстовото за правда со предлозите за групното помилување. Јавноста како и секогаш ќе ја информираме веднаш кога ќе се донесат одлуките“ – велат од Кабинетот на Пендаровски.