Оглас за нов јавен обвинител на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција објави денеска Советот на јавни обвинители. Истиот е распишан во пресрет на истекот на мандатот на досегашната шефица Вилма Рускоска.
Рокот за пријавување е 15 денови. Согласно Законот за јавно обвинителство, за позицијата може да аплицира секој кандидат којшто има непрекинат работен стаж од најмалку шест години како јавен обвинител до моментот на пријавување на огласот, но и кандидати коишто се оценети со позитивни оцени во текот на последните три години.
За првпат, новиот шеф на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција ќе се избира со гласање на сите обвинители во државата. Тоа е закажано за 31 октомври.
После завршување на рокот за аплицирање од страна на кандидатите, ќе се формира Комисија за спроведување на гласањето, а истата ќе формира Советот на јавни обвинители. По денот на гласањето, Советот е задолжен во рок од седум дена да го именува кандидатот кој освоил најмногу гласови за нов шеф на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.
За потсетување, актуелната шефица на ОЈО, Рускоска моментално е суспендирана од функцијата.