Македонскиот Претседател – Стево Пендаровски денеска промовираше рамка за развој „МКД2030“, што претставува стратешки документ изготвен на негова иницијатива, а чија цел е долгорочна визија за развојот и иднината на земјата.
„МКД2030“ ги утврдува политиките, кои треба да се постигнат до следната деценија и областите во кои треба да се фокусира државата со цел напредок и подобар живот на граѓаните. Рамката за развој „МКД2030“ е автентичен документ изработен преку консултативен процес со бизнис секторот, граѓанските организации, академска заедница и истакнати професионалци од повеќе области. Приоритетите што ќе произлезат од „МКД2030“ ќе бидат референтната точка, според која ќе се калибрира Националната развојна стратегија 2021-2041 која како следна фаза треба да се надоврзе на „МКД2030“ – соопштија од кабинетот на претседателот Пендаровски.
„Наша задача е да ги препознаеме виталните приоритети без кои развојот би бил невозможен, и да се вложиме во нивнa реализација. „МКД2030“ е потребно да биде остварлива. Како држава располагаме со ограничени човечки и финансиски ресурси и не треба да губиме време на прашања кои ги надминуваат нашите способности и ресурси. Верувам дека реалната состојба ни е позната на сите – иселувањето на младите продолжува, пасивност на електоратот, ниска доверба во институциите, длабока поделба во општеството по повеќе основи и зголемена нееднаквост во примањата“ потенцираше Претседателот Стево Пендаровски.
Тпј потенцираше дека „МКД2030“ се фокусира на дигитализација, децентрализација и демократизација, преку еколошки, економски, аграрни и здравствени политики, па сѐ до образование и наука и борба против иселувањето на младите од земјава.