Колумна на Мирослав Драганов: На иста маса

Денеска е 20-ти декември – Меѓународен ден на човековата солидарност. Ова е прекрасен момент за да се потсетиме колку е убаво ние луѓето да сме луѓе пред сè и меѓусебно да се разбираме. А за да го направиме тоа потребно е да сме „на иста маса“. Но, дали сме секогаш на неа, како изгледа таа „иста маса“ и што тоа ние како општество правиме во меѓувреме за да дојдеме до неа?

Веројатно периодов темата особено ве асоцира на Европската Унија, како „иста маса“ на која тежнееме да бидеме како држава. Јас ја разбирам таа асоцијација, но „масата“ е многу поширока и поголема, а ние некако недоволно сме ангажирани околу неа. Сега нема да навлегувам подетално за одговорноста што другите играчи ја имаат на масата, туку ќе бидам самокритичен кон нас како македонско општество. Не за друго, туку за да поттикнам освестување и зајакнување на нашите аргументи во тој напор за да добиеме место на „истата маса“ во која и да е оргаинизација, па и во ЕУ.

Ова се моите три сугестии и препораки до надлежните ни општественици:

  1. Сите шанси до една треба и мора да ги користиме за да бидеме на меѓународната „иста маса“. Овде не спаѓаат само настаните кои се дел од ЕУ, туку многу други форуми, самити во текот на целата година кои се одржуваат низ Европа и светот. Многупати досега како држава сме оставале празно столче, па ако сакаме да заслужиме столче на друга маса, првиот аргумент треба да ни биде дека веќе сме биле на другите „исти маси“ и сме дале вреден придонес. Но кога ме оставале празни столчиња некако плитки ќе ни бидат аргументите.
  2. Не е само столчето, туку и суштината! Суштинскиот придонес е впрочем додадената вредност што ние треба да ја дадеме на таа маса. А како би ја дале ако на тоа столче праќаме претставници кои ќе бидат само статисти или пак ни прават уште полош углед!? Во овој дел не прифаќам изговори бидејќи истото ова јавно од говорница го имам кажано уште пред речиси 12 години, а за жал оттогаш речиси ништо не е променето (освен играчите). И како поткрепа на ова тврдење ми е искуството на голем број меѓународни настани на кои непосредно или посредно сум посведочил на прилично чести реални случки од овој тип.
  3. Каде се младите во приказнава? Да да, ова е прашањето до општествениците! Како тоа ја кројат судбината на половина народ без да има претставници од младите на таа „иста маса“? И не знам дали се свесни, ама голем дел од амбициозните млади се срамат од нив и тој нивен срам се зголемува при секое ново празно столче и при секој нов погрешен претставник на друго столче!

Не знам кој од нив, од општествениците, ќе има храброст (без его) искрено да го признае тоа, но во едно сум сигурен. Ние, амбициозните млади, ќе продолжиме да бидеме пример за да привлечеме уште повеќе вистински претставници кои ќе бидат агилни и „потковани“ на таа меѓународна „иста маса“ и уште поголеми критичари на сите оние празни столчиња и на сите погрешно пратени претставници. Тоа е наша општествена одговорност како млади што мора да ја исполниме!

А дотогаш, потворно да се потсетиме на денешниот Меѓународен ден на човековата солидарност, точно една година откако е издаден „Водичот – Визии за Македонија 2070“ од Глобал Шејперс Скопје Хаб кој наскоро ќе биде објавен и на англиски јазик. Силно веруваме дека овој водич е инспирација и за други потфати во нашето општество како на пример за „Стратегијата МКД2030“ најавена од Претседателот на државата (која по многу нешта е инспирирана и од Целите за одржилв развој објавени од ООН уште во 2015 година), а инспирација и за програмите и говорите на голем дел од нашите ни општественици во последнава година. Искрено верувам дека и мојот избор во топ 11 влијателни шејпери од целиот свет (обликувачи на промени) во наредните 18 месеци какко член на Impact Council („Совет за влијание“) ќе мотивира уште повеќе млади да ги преземат столчињата од „истата маса“ и таму каде што се празни, а и таму каде што се пратени погрешни претставници. Животот е краток за да го живееме со наведната глава додека други ни ја кројат сегашноста и иднината!

Мирослав Драганов

Директор за продажба и маркетинг

WIDNET Solutions