Доларот стабилен, цената на нафтата благо порасна
На девизниот пазар вредноста на доларот во однос на кошницата валути стабилно се движи, недалеку од највисокото ниво во последните 20 години.
Индексот на доларот кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути се движи околу 109,70 поени, додека вчера во овој момент изнесуваше 109,75 поени.
Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од вчерашните 144,55 на 143,05 јени.
Сепак, американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 0,9970 долари, додека вчера во ова време беше 0,9980 долари.
Цените на нафтата, пак, благо пораснаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар зајакна за 0,10 отсто, на 94,12 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,20 отсто, на 88,67 долари.
Цените на акциите пораснаа на азиските берзи во четвртокот, по големиот пад претходниот ден, но инвеститорите се внимателни поради шпекулациите дека поради високата инфлација, американската централна банка наскоро би можела да ги зголеми каматните стапки за цел процентен поен.
Индексот на MSCI на азиско-пацифичките акции, без Јапонија, беше во плус 0,4 отсто околу 7 часа, откако вчера потона за повеќе од 2 отсто.
Утрово на токиската берза индексот Никеи порасна за 0,2 отсто, додека цените на акциите во Австралија и Хонг Конг пораснаа меѓу 0,2 и 0,4 отсто. Во Јужна Кореја и Шангај, пак, тие паднаа меѓу 0,2 и 1 процент.
Поголемиот дел од азиските берзи го следат растот на Волстрит вчера, кога Dow Jones зајакна 0,10 отсто, S&P 500 околу 0,3, а Nasdaq индексот 0,7 отсто.