![](https://triling.mk/wp-content/uploads/2022/09/unnamed-750x430.jpg)
За правната квалификација за кривичното дело „убиство“ кое им се става на товар на обвинетите за смртта на хрватскиот ракометар Денис Тот и дали постои умисла за истото -бранителите на обвинетите ќе докажуваат дека тие не се виновни.
„Денеска би сакал само да потенцирам дека нашата одбрана ќе биде насочена во правец на тоа дали сега обвинетиот Анџело е сторител и можел да биде сторител на кривичното дело за кое се обвинува, а, секако и дали може да биде одржлива правната квалификација за ова кривично дело. Во тој правец, во поткрепа на нашата одбрана на судот му доставивме и листа на докази врз основа на кои ќе ја докажуваме нашата невиност и ќе го оспориме обвинителниот акт посебно во делот на правната квалификација“ изјави бранителот на обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски, адвокатот Иле Танев на второто судско рочиште во скопскиот Кривичен суд.
Обвинетите за убиството на хрватскиот ракометар Тот, Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски, на изминатото, прво рочиште пред Судечкиот совет во Основниот Кривичен суд – Скопје, изјавија дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело кое им се става на товар.
Бранителот на обвинетата Клементина Левковска, адвокатот Бојан Василевски пред судот изјави дека при преземањето на дејствијата кај обвинетата отсуствува умислата.
„Со изведување на доказите, пред сѐ, од листата на докази, застапникот на обвинението, а со помош на нашиот технички советник, вешто лице од областа на Судска медицина, ќе докажеме дека ниту едно дејствие кое го презела обвинетата Клементина не ја предизвикало смртта кон сега починатиот Денис. Ќе докажеме дека таа ниту имала намера да го убие, ниту го сакала тоа, а крајно, ниту реално, можела да го стори тоа“ – рече Василевски.
Тој посочи дека во текот на постапката ќе докажат дека со тоа што е подигнато обвинение за кривично дело „убиство“, не е извршена правилна квалификација на кривично правниот настан, бидејќи, како што рече, „според правната теорија и пракса, дејствијата кои ги презеле обвинетите евентуално може да бидат обвинети за друго кривично дело, а не за делото кое се обвинети“.
Бранителката на обвинетиот Андреј Костовски, Бранкица Миланова, посочи дека одбраната ќе докаже дека не може да остане правната квалификација која им се става на товар на сега тројцата обвинети, бидејќи, како квалификаторен елемент, и според неа, ја исклучува умислата.
„Од сите докази кои ќе бидат изведени како од страна на Јавното обвинителство и од одбраната ќе се уверите како Совет, а верувам дека ќе ја увериме и целата јавност, дека умисла нема, и не само што нема умисла, туку, ваквата поставеност согласно член 22 бара сите тројца обвинети да имаат еднаква цел, заедничка умисла“ – рече Миланова.
Обвинетите се согласија со одбраната на нивните бранители и изразија сочувство за починатиот.
„Во ниеден случај не сме имале умисла ниту сакале да дојде до нешто такво, ниту јас, а верувам ниту другите обвинети. Она што имам да го кажам ќе го кажам во завршните зборови“ – изјави обвинетиот Анџело Ѓоргиевски.
Обвинетата Клементина Левковска, исто така, кажа дека никој од нив не сакал да се случи тоа.
„Никој од нас не сакал, најмалку јас, да се случи тоа што ни се става на товар“ – рече Левковска.
Обвинетиот Андреј Костовски се согласи со одбраната и изрази длабоко сочувство.
Судењето продолжи со доказна постапка во која се пристапи кон изложување на докази, испрашување на законскиот застапник на оштетениот, неговиот татко, Игор Тот, и испрашување на сведоци на настанот.
Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот. – По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал, се вели во соопштението од Обвинителство објавено на 21 јули годинава.