Бислимоски: Потрошувачите плаќаат онолку колку што трошат

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) не ги признава кражбите на електрична енергија во крајната цена и истите се на товар директно на Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје – посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ, кој заедно со заменик-претседателот Енвер Елмази и комесарите одржаа состанок со д-р Мирјана Лончар Велкова, претседателка на Организација на потрошувачите на Македонија (ОПМ).

„Потрошувачите треба да знаат дека плаќаат само за она што го имаат потрошено. РКЕ не ги признава кражбите на електрична енергија во крајната цената што ја одредува и истите се на товар директно на Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје. Дополнително доколку некој потрошувач има добиено сметка која е отстапување од реалната состојба, може самостојно да го отчита броилото и да ја пријави состојбата, по што ЕВН ХОМЕ е должен веднаш да издаде нова коригирана сметка со реална состојба“, истакна Бислимоски.

На состанокот се отвори и прашањето во врска со висината на т.н. мрежарина, која во одредени сметки е поголема во однос на енергијата. Претседателот Бислимоски посочи дека потрошувачите на електрична енергија во Република Северна Македонија отсекогаш плаќале за користење на електропреносниот и електродистрибутивниот систем.

„До 30 јуни 2022 година, трошокот за користење на електропреносниот и електродистрибутивниот систем беше вклучен во цената на електрична енергија. Имајќи го ова предвид, како и обврските од законодавството на Европската Унија за поголема транспарентност на цените РКЕ, на 27 јуни 2022 година донесе тарифен систем за продажба на електрична енергија со што се направи поделба на вкупниот надоместок за испорачана електрична енергија на: надомест за електрична енергија, пренос и дистрибуција. Оваа поделба на вкупниот надоместок ЕВН ХОМЕ го пресликува во фактурата за испорачана електрична енергија за секој потрошувач, со цел секој да има увид кој износ го плаќа и за што го плаќа“, истакна Бислимоски.