Пратениците одлучуваат дали Љубомир Јовески ќе биде уставен судија

Собраниската Комисија за изборите и именувањата денеска е планирано да одржи седница. На неа треба да продолжи расправата за кандидатурата за уставен судија на Љубомир Јовески, актуелниот републички јавен обвинител.

Тој е кандидат предложен од владејачката СДСМ и е последен за кој расправа собраниската Комисија.

Минативе денови членовите на оваа Комисија дадоа поддршка на кандидатите Татјана Васиќ Бозаџиева и Фатмир Скендер, и двајцата предложени од СДСМ.

Од предложените 6 кандидати за уставни судии на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ниту еден не доби поддршка.

Не добија поддршка Саво Климовски, Тодор Витларов, Бранко Секуловски, Воислав Димовски, Весна Јовановска и Родна Живковска.

Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените 9 члена, на четворица им е истечен мандатот.