Османи: Во МНР нема непотизам!

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека во МНР има непотизам, а последен случај е сопругата на пратеникот Мартин Костовски.

Денеска првиот човек на МНР, Бујар Османи во изјава на тв 24 вели дека немало ништо незаконско во вработувањето ни на Бесмира Ејупи, ни на сопругата на пратеникот Мартин Костовски.

„Нема ништо незаконито во вработувањето. Министерството има недостиг на кадар кој ќе се посвети на тешката работа во дипломатија. Нововработените започнуваат со минимална плата и треба години за да напредуваат во кариерата. Тоа е тешка професија, тие се некој вид номади кои цел живот го поминуваат на различни места. Госпоѓата Костовска е преземена од Куманово и сега е на пониска позиција одошто била претходно“ – рече тој.

Министерот вели дека Костовска е на постдипломски студии по меѓународна политика во Прага и во нејзиниот случај не станува збор за трговија со влијание.

Тој додава дека таа професија бара време за напредување и со оглед дека и критериумите се тешки нема голем интерес за вработување во МНР.

Во случајот на презентерката Бесмира Ејупи за која се велеше дека се подготвува за конзул, а сега е вработена во МНР, Османи вели:

„МНР има потреба од 50 вработувања, но сега Министерството за финансии одобри 16. Секој млад човек кој знае јазици и сака да се посвети да конкурира. Ејупи е преземена од Министерството за политички систем, како што по закон се преземаат и други службеници. Знае јазици и има безбедносен сертификат од највисок ранг како член на службата на протокол во претходното министерство“ вели тој.