Собранискиот спикер Талат Џафери се очекува денеска да ја разгледа иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за одржување референдум за поништување на Договорот со Бугарија. Официјалните информации од Кабинетот на Џафери се дека тој денеска ќе биде на работа и оти ќе информираат во врска со неговата одлука за инцијативата.
Ако таа биде прифатена, тогаш тој треба да ја проследи до Законодавно-правната комисија и матичната комисија, а тие треба да се изјаснат за нејзината уредност во рок од два работни дена, согласно член 191 став 2 од Деловникот на Собранието.
Ако Џафери утврди дека иницијативата е уредна, за тоа го известува овластениот предлагач, во случајот ВМРО-ДПМНЕ, во рок од три дена од добивањето на мислењето од работните тела. Согласно член 192 став 2, ако претседателот на Собранието утврди дека иницијативата е неуредна, прашањето во врска со иницијативата се става на дневен ред на првата наредна седница. Собранието со заклучок утврдува дали иницијативата е уредна.
Спикерот го известува овластениот предлагач за заклучокот на Собранието во рок од три дена. Ова е предвидено во Деловникот за работа на Собранието. Во јавноста веќе се појавија информации дека можеби Џафери нема да ја прифати иницијативата, и обвинувања од опозицијата дека зад тоа ќе стојат владејачките партии.
Се појави фотографија од документот на иницијативата доставен до Собранието, на која се гледа дека таа се доставува до претседателот на Собранието Талат Џафери, без да се наведе „на Република Северна Македонија“.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера одговарајќи на прашање во врска со процедурата за поднесување на иницијативата во Собранието, рече дека доколку сметаат дека е пречка, ќе ја корегираат.
„Тие можат да наоѓаат изговори колку сакаат и да ја одложуваат работата. Нас ни е важна суштината, а не формалноста. И ако е тоа пречка ќе ја корегираме таа пречка и ќе ја доставиме онака како што тие ценат дека треба да се достави, само да имаме успешна процедура, демократски да дозволиме граѓаните да се изјаснат за политиките на Владата поврзани со Договорот со Република Бугарија“ рече Мицкоски.