Хакерите кои во средината на јули ги нападнаа албанските институции а во петокот вечерта и системот ТИМС на граничните премини, кои се идентификувани со веб-страницата „Татковинска правда“, (Homeland Justice) ги ставија на продажба податоците од серверите со кои располагаат, јави ABCnews.al.
Според истиот извор преку објава на социјалните мрежи тие нудат 800 GB податоци за 900 долари.
– Потсетуваме дека во текот на месец јули хакери ги нападнаа администрацијата и министерствата објавувајќи ги јавно комуникациите преку електронска пошта, наведува телевизијата.
Во меѓувреме, пред неколку дена премиерот на Албанија, Еди Рама, ги прекина дипломатските односи со Иран и го протера целиот персонал од амбасадата, во врска со овој напад, бидејќи по истрагите на албанските и партнерските агенции, покажале дека хакерите биле директно поддржани од Иран.
Хакерите, како што предупредија, не чекаа па почнаа да се одмаздуваат.
Од 23:15 часот во петокот навечер и во текот на целиот ден во сабота, ТИМС системот на сите гранични премини на Албанија беше надвор од системот.
Иако албанската влада соопшти дека се останува под контрола и дека секој напад е одбиен, хакерите, додава телевизијата, веќе ги пуштиле на продажба податоците добиени од системот ТИМС во Албанија, но и електронските адреси на албанските функционери.
-Тоа значи дека „тајните“ на Албанија сега можат да се купат на пазарот. Друг факт е дека хакерите бараат плаќањето за купување на податоци да се врши преку Биткоин електронски пари, така што е невозможно да се разбере каде одат овие пари, заклучува ABCnews.al.