АЗЛП: Ќе се проверува дали имало нарушување на безбедноста на личните податоци по хакирањето на веб – страната на МОН

Министерството за образование и наука (МОН) досега не доставило до Агенцијата за заштита на лични податоци известување за нарушување на безбедноста на личните податоци, откако пред два дена сајтот на Министерството беше цел на напад на хакерска група. Веб-страната на МОН и денеска не е достапна за јавноста.

Од Агенцијата наведуваат дека по службена должност ќе истражат и ќе проверат дали дошло до нарушување на безбедноста на личните податоци кои се обработуваат на веб страницата на МОН.

-Досега во Агенцијата, од страна на Министерството за образование и наука (МОН) нема доставено известување за нарушување на безбедноста на личните податоци. Агенцијата по службена должност ќе истражи и провери дали дошло дo нарушување на безбедноста на личните податоци кои се обработуваат на веб страницата на МОН, односно дали обработката на личните податоци е во согласност со правилата на Законот за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Северна Македонија 42/20 и 294/2021). Во зависност од состојбата Агенцијата може да поведе постапка на вршење вонредна супервизија, се наведува во информацијата што МИА ја доби од Агенцијата за заштита на личните податоци.

Во случај на нарушување на безбедноста на личните податоци, како што наведуваат од Агенцијата, контролорот, во конкретниот случај Министерството за образование и наука, мора веднаш и не подоцна од 72 часа откако дознал за нарушувањето да ја извести Агенцијата за заштита на личните податоци на incident@privacy.mk.

-Кога известувањето до Агенцијата не е поднесено во рок од 72 часа, заедно со известувањето треба да биде доставено и образложение за причините за доцнењето, посочуваат од АЗЛП.