Разрешениот директор на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински изјави денеска дека за време на неговата работа го следел единствено законот и мислењето на релеванатните институции. Според него, образложението за разрешувањето била поради „самоволие и несоодветно постапување во постапка за избор на изведувач на пречистителна станица“.
Тој посочи дека кон крајот на јули добил допис од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска во кој побарала промена на членовите на евалуационата комисија за изградба на пречистителната станица. Според него, за таквата постапка немало никакво образложение и причините треба Арсовска да ги објасни.
„Јас за ова ја известив Европската Инвестициска Банка која е банка лидер и која е кредитор на самиот проект тежок 160 милиони евра за ваквиот чекор и побарав мислење за ваквото барање. Европската Инвестициска Банка одговори за ваквото барање на Арсовска негативно. Значи она што го бараше градоначалничката не е одобрено од банката лидер. Јас не можам да си дозволам незаконито работење по ниту една цена и било кога. Ниту пак ќе подлегнам на притисоците. Затоа она што јас го следам е единствено законот и мислењето на релевантните институции. Го известив Градот и ја известив градоначалничката за одлуката на ЕИБ“, рече Перински на прес-конференција.
Тој посочи и дека одлуката на Арсовска за негово разрешување доаѓа на денот кога комисијата треба да ги отвори понудите. Перински додаде и дека проектот за пречистителна станица е на Владата и Водовод, со кредити од Европската Инвестициска Банка и Европската Банка за обнова и развој и дека сите преземени постапки се одобрени и потврдени како беспрекорни од банките кои вршат надзор.
„Со индигнација ги одбивам сите пишувања, сите обвинувања против мене. Барам од медиумите да бараат одговор зошто градоначалничката бара разрешување на членовите на комисијата“ рече Перински.
На прес-конференцијата на разрешениот директор дојде и градоначалничката Арсовска. Таа го праша во кое својство држи прес-конференција, со оглед на тоа дека е разрешен и најави дека документите и сомнежите за тендерот за пречистителната станица ќе ги предаде на Обвинителството.
Во петокот од функцијата Секретар на град Скопје е разрешен и Ѓоко Велковски. Во соопштението од град Скопје е наведено дека причина за разрешувањето е неговото влијание во спорна тендерска постапка за изведба на пречистителна станица во вредност од 136 милиони евра, средства кои се обезбедени од ЕБОР и ЕИБ.