Иницијативата за референдум поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ до Собранието се очекува да добие разрешница во текот на неделава, откако ќе биде примена од претседателот на законодавниот дом Талат Џафери. Изминатиот викенд не изостанаа „препукувањата“ околу иницијативата за референдум меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја обвинуваат власта дека подготвува план за отфрлање на иницијативата за референдум, додека владејачката СДСМ нагласуваат дека иницијативата за референдум на Христијан Мицкоски е против македонскиот јазик, прави штета на идентитетот, а е насочена директно против евроинтеграцијата на државата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, вчера во Кавадарци изјави дека доколку се точни написите во кои се вели дека власта се подготвува за отфрлање на референдумската иницијатива за поништување на договорот со Бугарија, која ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе до Собранието, „тогаш ќе се потврди дека кај СДСМ и ДУИ владее страв од волјата на народот“.
-Бегаат од предвремени избори, бегаат од народот, единствено не бегаат од криминалот и кражбите. Не заслужуваат да се викаат Влада. Прават сѐ да ги влошат односите со опозицијата. Јас уште еднаш ги предупредувам дека единствената одговорност ќе биде кај Владата, бидејќи не покажува демократски капацитет. Ова е одлична можност за демократско изјаснување на народот и на референдум и на предвремени избори, рече Мицкоски.
Од СДСМ, пак, велат дека иницијативата за референдум на Христијан Мицкоски е против македонскиот јазик, прави штета на идентитетот, а е насочена директно против евроинтеграцијата на државата.
-Сите официјални институции на Унијата потврдија дека процесот на преговори за членство го водиме како Македонци со заштитен македонски идентитет, со чиста формулација на македонскиот јазик. Но, Мицкоски по секоја цена дејствува антиевропски и на штета на државните и националните интереси, без какво било чувство за државност, своите политики ги води според личните потреби и интереси. Со иницијативата за референдум, со активните и пасивните блокади Мицкоски сака да го попречи нормалното функционирање на државата, во време на економска и енергетска криза, работи на штета на граѓаните и на компаниите, истакнаа од владејачката СДСМ.
Албанските партии, се против рефередумот, бидејќи според нив, тој ќе го забави евроинтеграцискиот процес.