Прислушувањата, изборите и изборниот законик, економијата и мерки што вчера ги соопшти, енергетската криза, тешката претстојна зима, но и односите со Турција и надворешната политика, беа дел од темите за кои грчкиот премиер говореше на традиционалната прес конференција во рамките на Меѓународниот саем во Солун.
Одговарајќи на новинарско прашање за односите со Тирана, Мицотакис, меѓу другото, ја повтори и неговата поддршка за европската перспектива на Албанија и Северна Македонија.
Рече дека приклучувањето на Албанија на европскиот пат е во корист на Грција.
-Затоа и лично го поддржав почетокот на интегративните преговори и за Албанија и за Северна Македонија, истакна Мицотакис.
Меѓу пораките што грчкиот премиер ги упати од Солун, беше и како што рече, трите „не“, односно „не“ за предвремени избори, „не“ за промена на изборниот законик и „не“ за реконструкција на Владата, додека пак за енергетската криза уште еднаш посочи дека ги очекуваат европските одлуки, но Грција се стреми да се воведе плафон на цената на природниот гас.
Дополнително, повтори дека Русија одбира да го инструментализира природниот гас за да предизвика дестабилизација, а изрази и поддршка за Украина, „за да може со свои услови да преговара со Русија, а не како поразена земја“, но демантираше дека Грција ќе испрати дополнителен воен материјал освен одлуката за испраќање стари оклопни возила под услов да се заменат со помодерни од Германија, нешто за кое во тек се разговори.
За изјавите што доаѓаат од Турција и од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, истакна дека се неприфатливи, но сепак е отворен за евентуална средба со него.
-Секогаш ќе се стремиме да имам отвори канали на комуникација со Турција, бидејќи јас не сум тој кој ги урна мостовите на комуникација со соседната земја, ниту пак сум тој кој рече „Ердоган јок“ за комуникација меѓу двете земји на ниво на лидери на држави и влади. Секогаш сум отворен да се сретнам со господинот Ердоган. Тој е оној кој не сака разговор со мене, објасни Мицотакис и додаде дека сепак, како што рече, не може да го фати за врат и да го натера да се сретнат.
Истакна дека не може да замисли конфликт меѓу Грција и Турција, а Турција да биде напаѓачот, но посочи дека ако некогаш се случи Анкара ќе добие соодветен одговор и многу добро ја знае подготвеноста на грчките вооружени сили.
Во однос на случајот со прислушувањата во земјата, објасни дека веднаш биле започнати сите предвидени процедури, тој ја преземал одговорност со прифаќањето на оставките, коментираше дека „не е нормално да се следи политички лидер“, но и истакнувајќи дека во принцип никој не треба да биде изземен од потенцијален процес на следење, а конкретно за претседателот на ПАСОК- Движење на промена рече дека следењето било законско.
Прес конференцијата која традиционално се одржува на вториот ден од Меѓународниот саем во Солун, оваа година траеше три часа, а грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис одговори на над 50 новинарски прашања.