Товарен и патнички воз се судриле вчера во близина на местото Новска, во областа Славонија во Хрватска, јавуваат локалните медиуми. Во несреќата, според неофицијални информации, има загинати, како и многу повредени луѓе, чијшто точен број сѐ уште не се знае.
Судирот се случил меѓу Окучани и Новска, околу 21 часот и триесет минути, а според првичните информации патничкиот воз број 2506, кој сообраќал на релација меѓу Винковци и Новска, поминал на црвено светло и со полна брзина налетал на товарниот воз, кој запрел поради дефект. На местото на несреќата пристигнале голем број полицајци, пожарникари и возила на итната помош, а таму вечерва тргнаа и премиерот и претседателот на Хрватска, Андреј Пленковиќ и Зоран Милановиќ.
Според последните информации, загинале машиновозачот и кондуктерот од патничкиот воз, јавуваат медиумите.
Според болницата во Сисак, кај нив се донесени тројца загинати, а 11 луѓе, од кои дел имале тешки повреди, се пренесени во неколку болници во регионот. Локалната полиција досега соопшти дека околу 21:35 часот добила пријава дека патнички воз удрил во запрен товарен воз близу местото Рајиќ. Се очекува изјава да даде хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој е на местото на несреќата.