Ердоган: Европа повеќе не е толку опуштена во однос на енергијата, зимата ќе биде тешка

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган рече дека Европа повеќе не е толку опуштена во однос на енергијата, како што беше пред недостигот на природен гас, кога беше фокусирана на преминување кон обновлива енергија, објави турската државна телевизија ТРТ Хабер.

Ердоган разговараше со новинарите во авионот на враќање од турнејата низ земјите од Западен Балкан.

Тој потсети на неговите претходни разговори со поранешната германска канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, во кои тие ги кажаа своите намери да ги затворат термоцентралите, па дури и нуклеарните централи и да се префрлат на обновлива енергија.

Посочи дека на оваа тема разговарал и со актуелниот канцелар на Германија, Олаф Шолц, „кој бил цврст во намерата да не отстапува од курсот на неговата претходничка“. Сепак, според Ердоган, ситуацијата е поинаква по суспензијата на рускиот гас.

„Европа не се чувствува толку комфорно и мирно како што се мисли дека е. Ситуацијата оди во многу поинаква насока“, рече тој.

Според него, „Русија не ги донесе овие одлуки и не ги презеде овие чекори туку така“. „Оваа зима нема да помине така лесно за Европа, ќе биде многу проблематична зима, а од финансиска гледна точка зимата ќе има многу тешки сметки“, рече Ердоган. Во исто време, тој увери дека Турција нема проблем со испораката на гас и Русија не воведува никакви санкции за неа.