Ситуацијата на европскиот пазар за гас и струја драматично е заострена. Цените експлодираат како последица на руската војна во Украина. Стабилноста на снабдувањето со струја следната зима може да е загрозена. Затоа министрите за енергетика на ЕУ се сретнуваат денеска (09.09.2022) заради, како што се вели во официјалната покана, разменување на мислења. Формални одлуки не се на дневен ред, но времето притиска.
ЕК сака да добие мандат за да подготви мерки за европскиот пазар за струја и гас. Веќе следниот вторник претседателката на ЕК сака да претстави предлог со драстични мерки. Урсула фон дер Лајен тоа го најави неделава. Откако доверливи документи за дебатата во Брисел веќе беа објавени во медиумите, претседателката на ЕК одлучно самата настапи пред медиумите и предложи пет мерки за справување со енергетската криза. Неделава таа веќе лично им ги објасни предлозите на амбасадорите на 27-те земји членки, што е исклучително невообичаена постапка која покажува колку е сериозна ситуацијата.
Во шпицот на потрошувачката на струја наутро и навечер, ЕУ членките треба да се обврзат да ја намалат потрошувачката. Во шпицот мора да се пуштаат екстремно скапи централи на гас за да ја покријат дополнителната потрошувачка. Конкретна бројка Фон дер Лајен не наведе, но во кругови на ЕК се зборува за најмалку 10 проценти. Членките веќе се обврзаа во зима потрошувачката да ја намалат за 15%, но на доброволна основа. Унгарија комплетно одбива такво штедење. Спорно е дали сите членки ќе го прифатат штедењето енергија.
ЕК предлага како кочница за цените, компании кои произведуваат евтина соларна или енергија од ветер и вода, да плаќаат дополнителен придонес. Тие придонеси треба да ја покријат разликата меѓу евтината еколошка струја и скапата струја од гас. Досега врз основа на најскапо произведената струја, тоа во моментов е од гас, се пресметува цената и за сите други производители на електрична енергија. Придонесот значи би ја повлекол големата добивка од некои видови на производство на струја, кои пак настануваат само поради високата цена на гасот.
Претседателката на ЕК вели дека „треба да се повлечат добивките за кои производителите никогаш и не ни сонувале дека може да ги имаат”. Таквите дополнителни приходи, државите потоа треба да ги распределат на посиромашни потрошувачи и компании во потешкотии за да им ги субвенционираат сметките за струја. Досегашниот систем на одредување на цената според најскапиот киловат час нема да биде променет, но добивките ќе бидат „исцедени”. Цената на струјата на дневна база ќе се одредува на европската берза за струја.