Италијанскиот претседател Серџо Матарела вечерва пристигна во официјална посета на земјава. Матарела на скопскиот аеродром беше пречекан од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Матарела утре ќе биде пречекан од претседателот Стево Пендаровски со највисоки државни и воени почести, по што ќе следува тет-а-тет средба на двајцата шефови на држави и пленарен состанок на делегациите на Северна Македонија и Италија.
Претседателите Пендаровски и Матарела досега имаа средби во Рим во ноември 2019 година и во мај 2021 година.
Од Амбасадата на Италија во земјава информираат дека по средбата со Пендаровски, Матарела ќе се упати во Собранието, каде што ќе се сретне со претседателот на Парламентот, Талат Џафери.
Во рамки на свечената седница, ќе се обрати до пратениците и граѓанските и верските претставници во земјата.
Во рамки на посетата, во црквата „Св. Спас“ во Скопје претседателот Матарела и претседателот Пендаровски ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев.
Во попладневните часови и премиерот Димитар Ковачевски ќе го пречека претседателот Матарела и неговата делегација.
По средба со претставници на италијанската заедница во земјава, шефот на државата во вечерните часови ќе го напушти главниот град.