Министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната заедничка прес-конференција со Вопке Хукстра, министер за надворешни работи на Кралството на Холандија, изрази здоволство што одржуваме добар интензитет на политички дијалог на високо ниво.
Ова е одраз, нагласи Османи, на пријателството и партнерството помеѓу нашите две држави што се одвива во последните три децении.
Шефот на дипломатијата информирајќи дека идната година одбележуваме 30 години од воспоставување дипломатски односи со Кралството Холандија, нагласи дека Холандија е една од најголемите и најконзистетни поддржувачи на демократскиот развој на РС Македонија, но и на евроатлантските перспективи.
– Холандија е еден од најголемите донатори токму фокусирајќи се на развојот на демократијата на цивилното општество. Ние сме благодарни за сето тоа, меѓутоа се разбира и во конкретната и козистентна поддршка на нашиот евроинтегративен пат, рече Османи.
Како што информира тој, на средбата разговарале за почетокот на преговорите со ЕУ, на 19 јули со одржување на првата меѓувладина конференција, почетокот на скринингот.
– Објаснив за подготвките што ги прави Северна Македонија за недела дена кога ќе треба и да го отвори и првиот кластер во делот на скринингот и предизвиците коишто не очекуваат на тој пат. И задоволство беше да слушнам дека Холандија е спремна да продолжи и да ја интензивира поддршката во подготовката на земјата за исполнување на критериумите за членство во ЕУ, рече министерот Османи.
Османи и Хукстра разговарале и за билатералната соработка, оценувајќи ја за одлична и на политички и на економски план. Говореле и за зголемување на трендот на економската и трговската размена, но и бројот на туристи, како и фактот дека 35 илјади холандски туристи поминуваат годишно во РС Македонија, бројка што зборува само за себе за одличните односи помеѓу двете држави.
Во фокусот биле и регионалните предизвици, меѓутоа и вкупниот геополитички контекст наметнат со руската агресија во Украина и последиците што ги предизвикува.
– Укажав уште еднаш дека РС Македонија продолжува со својата стопостојна усогласеност на надворешната и безбедносна политика со ЕУ и недвосмислената поддршка на Украина и нејзината борба против оваа агресија, истакна министерот Османи.