Мицкоски ја достави иницијативата за референдум, побара и предвремени избори во пакет, собрани над 500 потписи за неполн час

Лидерот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ, денеска напладне во Државната изборна Комисија (ДИК) ја достави инцијативата за референдум на кој граѓаните би се изјасниле дали се „ЗА“ или „ПРОТИВ“ Договорот за пријателство добрососедство и соработка со Бугарија односно дали ќе опстои или ќе се укине.

Тој повторно повика на обединување на сите партии и етнички заедници при собирањето на неопходните 150 илјади потписи како и за масовен одзив и гласање „ЗА“ доколку референдумот се спроведе.

Референдумското прашање, на иницијативата која е поднесена гласи – „Дали сте за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Репувблика Македонија и Република Бугарија“.

„ Ја користам оваа прилика да ги повикам сите политички партии, да ги повикам граѓаните без разлика на нивната етничка припадност и нивната политичка определба, да ги повикам партиски неопределените, ја користам оваа прилика да ги повикам буквално сите поединци да се обединат на едно општествено семакедонско обединување и да застанат против тоа кое што претставува главен проблем на нашата европска интеграција – Договорот со Бугарија. Затоа кога ќе се случи овој референдум да излезат масовно и да гласаат „ЗА““, рече Мицкоски пред просториите на ДИК и одаде дека очекува опструкции од владеачката коалиција.

Во 14 часот во просториите на Општинската изборна комисија во Карпош тој го стави првиот потпис на иницијативата а во првите 100 потписи ќе бидат и сите пратеници од партијата и коалицијата.

Мицкоски најави дека реферндумот е одлична можност за одржување на предвремени избори во пакт.

„Собрани над 500 потписи за неполн час, иако за иницијативата за референдум се потребни само 100. Благодарам за брзиот одговор и иницијативност. Народот не сака решенија со кои се негира нашата посебност и идентитет. На потег е Собранието.“, напиша на фејс Мицкоски.