Борел ги повика членките да се обединат – залихите на оружје во ЕУ се на минимум
Резервите на оружје во земјите на Европската унија (ЕУ) се сериозно „исцрпени“ по испраќањето оружје во Украина, предупреди во понеделник високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел.
За време на дебатата со пратениците на ЕУ, Борел ги повика земјите-членки да ги обноват своите арсенали, велејќи дека најдобар начин да се направи тоа е „заедно“, бидејќи „би било поевтино“.
Борел, исто така, призна дека ЕУ требаше да започне со обука на украинските војници пред една година кога тоа го повикаа некои земји-членки, велејќи дека ако тоа се случеше, „ќе бевме во подобра ситуација“, објави „Политико“.
Минатата недела, на неформалниот состанок на европските министри за одбрана во Прага се разговараше за мисија за воена обука на ниво на ЕУ во Украина, како и за подобро здружување на воена опрема и ресурси.
Во јули, ЕУ го зголеми финансирањето на воената поддршка на Украина за половина милијарда евра.
Од почетокот на војната во Украина, ЕУ обезбеди околу 2,5 милијарди евра воена помош за Украина преку таканаречениот Европски фонд за мир, а дел од оружјето доаѓа од сопствените залихи на земјите.
Предупредувања за празни залихи стигнаа и од земјите-членки. Минатата недела германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт рече дека Берлин „ги достигнува границите на она што можеме да го дадеме од Бундесверот“.
Во јули, шесте најголеми европски земји не и понудија нова билатерална воена помош на Украина, според Килскиот институт за светска економија.