ВМРО-ДПМНЕ од утре ќе почне да собира потписи за референдум

„Се додека не се напушти Договорот со Бугарија, ВМРО–ДПМНЕ нема да поддржи уставни измени“. Ова денеска го изјави на брифинг со новинарите Христијан Мицкоски, претседател на опозициската партија.

Тој е дециден дека тие не се против тоа Бугарите да бидат дел од Уставот, но потенцира дека договорот е асимилаторски и треба да се напушти.

Партијата синоќа го објави референдумското прашање „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија“.

Потписите ќе почнат да се собираат утре напладне, а според најавите на Мицкоски први на листите ќе бидат потпишани пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. За да има референдум треба да се соберат 150.000 потписи и да помине собраниската процедура.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ верува дека ќе нема опструкција во Собранието и оти иницијативата ќе помине таму. Очекувањата се дека референдумот би се одржал напролет, а за тој да биде успешен потребни се 910.000 гласови.

Мицкоски го повтори ставот дека со Договорот за пријателство со Бугарија е нападнат македонскиот идентитет и дека нашиот напредок во преговорите со ЕУ ќе зависи од преговорите на историската комисија.