По серијата напади со нож во Канада во кој имаше најмалку 10 мртви, еден од осомничените напаѓачи е пронајден мртов. По неговиот брат полицијата се уште трага.
Информациите се дека телото на кое имало видни повреди било откриено во едно од местата во кои се случиле смртоносните напади.
Вториот осомничен напаѓач, се уште се наоѓа во бегство, а мотивот за крвавите дела засега не е познат.
„Телото на 31-годишниот Дамјен Сандерсон е пронајдено на отворено, во близина на една куќа во која полицијата вршела претрес. Не можеме со сигурност да кажеме како загинал Дамјен, но можно е да бил убиен од својот брат, Мајлс Сандерсон, кој исто така можеби е ранет“ – изјави полициската службеничка Ронда Блекмор.
Полицијата издаде предупредување за претпазливост до жителите во регионот.
„Мајлс Сандерсон е класифициран за многу опасен, неговите постапки покажаа колкав е неговиот степен на насилност“ – истакнала Блекмор.
Според полицијата, по Мајлс Сандерсон била издадена потерница уште во мај, меѓу другото, тој бил осуден на 5 години затвор поради кражба.
Нападите со ножеви, кои се случија на 13 различни локации во домородната заедница Џејмс Смит Кри Нација и во кои покрај десет убиени има и 18 ранети лица, спаѓа во едно од најтешките злосторства во Канада во последните години.