Само што започна, веднаш се одложи судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово

Во Основниот суд во Тетово денеска започна судењето за пожарот во модуларната болница што се случи на 8 септември 2021 година кога 14 лица го загубија животот. Судското рочиште го води судијата Јордан Велковски.

Сепак, поради отсуство на дел од обвинетите судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово се одложи и се презакажа за 14 октомври во 10 часот.

До судење дојде откако на 27 јули Обвинителството поднесе обвинителен предмет од Основен суд Тетово. Со тој предлог ОЈО Тетово ги обвини двајцата директори на Клиничка болница Тетово Ф.Б и А.Е за кривично дело тешки дела против општата сигурност и докторот Б. В за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија додека правното лице ЈЗУ Клиничка Болница Тетово за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.

„Со предметот поврзан со модуларната болница во Тетово по поднесен обвинителен предлог од страна на ОЈО Тетово со бр. КО 531/22 со кој се обвинети Ф. Б. и А. Е. за кривично дело тешки дела против општата сигурност и Б. В. за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија додека правно лице ЈЗУ Клиничка болница Тетово за кривични дела предизвикување општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија е распределен кај судија од Кривичниот оддел со предмет К бр. 450/22“ – се наведува во соопштението од Судот за овој предмет.

На 8 септември 2021 година во пожарот во модуларната болница во Тетово загинаа 14 лица. Тие се лекуваа од Ковид-19. Досега се направени четири вештачења за да се утврдат причините поради кои настана пожарот и да се лоцира одговорноста.

Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред.